Вардар потврди: Периќ си оди, благодариме што беше дел од нашето семејство!

Вардар го потврди заминувањето на тренерот на голманите, Дејан Периќ, за кое информиравме пред две недели, потенцирајќи дека Периќ сам побарал да замине.

Голманскиот гуру, кој направи ѕвезда од Дејан Милосављев, а одлично соработуваше и со останатите вардарови голмани ќе продолжи во Фуксе Берлин, на истата позиција. Побарал од Вардар да биде пуштен, а клубот се согласил спогодбено да го раскинат договорот. 

„Тренерот на голманите Дејан Периќ и Вардар 1961 спогодбено го раскинаа договорот. Периќ доби понуда со одлични финансиски услови во Бундеслигата и сакаше да замине, а нашиот клуб не правеше проблеми да го реализира овој трансфер. Периќ беше дел од втората шампионска титула на Вардар 1961 и последните титули во СЕХА Газпром лигата. Пријателите секогаш остануваат во нашите срца.. Ти благодариме што беше дел од нашето семејство.“, се огласија од Вардар.

Периќ дојде во Вардар во 2018 година, откако Штербик го напушти Скопје, а по него и Страхиња Милиќ, па се вклопи како идеално потребниот авторитет меѓу црвено-црните голмани.