Вардар - Металург и во женското финале, Керамичиева даде 16 гола!

Вардар и Металург ќе се пресметаат и во женското финале од ракометниот Куп на Македонија, откако денеска ги решија полуфиналните задачи во сосема различен манир.

Додека Вардар беше апсолутен фаворит против Пелистер, декласирајќи го со 31 разлика, Металург мораше да шутира пенали за да го надигра Вардар јуниор. Цврстиот и изедначен напад го најави уште првото полувреме, кое заврши со 8-7 за младите вардарки. Кога се огласи сирената за крај, на семафорот стоеше 20-20, па мораше да се изведуваат пенали. 

Помирна рака имаа ракометарките на Металург кои славеа со 6-5 во серијата.

Актуелниот доминатор во женскиот ракомет, пак, го декласира Пелистер со 58-27, постигнувајќи точно половина од своите голови уште во првиот дел (29-16). Поголема минутажа добија ракометарките, кои вообичаено се на клупа, а тоа најдобро го искористи Теодора Керамичиева со 16 погодоци! Јована Саздовска помогна со 12.

Финалето е предвидено за утре во 13 часот.