„Вардар ќе плаќа кирија за младинските екипи, за сениорите не беше така договорено"

Пред конечното преземање на РК Вардар од Михајло Михајловски, Спорт1 дојде до информација дека „новиот“ Вардар ќе треба да му плаќа кирија на „стариот“ сопственик, Сергеј Самсоненко. Се обративме до Михајловски, а тој транспарентно одговори на прашањето.

Почесниот претседател на Вардар го отфрли сценариото дека ќе се плаќа 30.000 евра месечно за услугите на спортскиот центар „Јане Сандански“. Единствено што би плаќал Вардар за салата се термините за младинските екипи.

„Јас кога последно се видов со господинот Сергеј, пред некој месец, беше договорено дека салата за првата екипа ќе биде бесплатна, т.е. ќе биде од него. Што се однесува до младите екипи ќе си плаќаме некоја саатница, колку што си е предвидено. Јас веќе се видов со директорот на 'Јане Сандански', знам дека тие имаат трошоци и струја и вода и сето тоа, директорот и самиот ми потврди, но одговорно тврдам дека никогаш не беше спомнато нешто за кирија. Деновиве повторно треба да имаме состанок и ќе си биде дефинирано, тоа што треба ќе си плаќаме, тоа што не - нема“, се изјасни Михајловски.

Покрај првата екипа, црвено-црните го имаат и Вардар јуниор, кој според новите правила на Ракометната федерација ќе нема право да игра во Суперлигата, а имаат и младински екипи во категориите пионери, кадети и младинци.