Вардар е европски шампион, а Металург се пофали дека е најдобар македонски клуб!? (ФОТО)

И додека сѐ уште не стивнува еуфоријата по огромниот успех на ракометарите на Вардар, кои пред една недела и по вторпат станаа европски шампиони по победите над Барселона и Веспрем на фајналфор-турнирот во Келн, денеска се појави во најмала рака зачудувачка вест дека Металург „повторно е најдобриот ракометен колектив во Македонија“.

Сето ова и не би било току интересно за коментирање, ако веста не се појави токму на официјалната интернет-страница на тимот од Автокоманда. Да беше ова анализа и оценка на некој неутрален медиум тогаш таа и би можела да помине како слободна проценка на новинарот, но кога вакво нешто доаѓа од официјален извор на клубот, ваквата информација во најмала рака делува хумористично.

Причината поради која луѓето од Металург си се прогласиле за „најдобар“ (!?) македонски ракометен клуб се успесите остварени на домашна сцена и тоа на двата сениорски состави, младинците, пионерите во машка како и на сениорките, младинските и кадетките во женска конкуренција. Сето ова е успех за пофалба и причина за амбициозната управа на металурзите да продолжи напорно да работи, но далеку од доволно да се прогласите за најдобар клуб во државата од која доаѓа европскиот првак.

Колку за потсетување, Вардар не само што е најдобар во Европа, тој е неприкосновен и во СЕХА во која исто така учествуваше Металург (не баш успешно) и убедлив шампион на Македонија. А, дури и на тие што не ги знаат добро работите им е јасно дека овој тим дојде до куп-трофејот само поради фактот што црвено-црните го „жртвуваа“ ова натпреварување кое беше непосредно пред Ф4-турнирот во Келн, што секако не смее да го намали сјајот на златото на металурзите.

Само овие три трофеи, без воопшто да влегуваме во детална анализа на учинокот на вардарци во младинските категории (најдобри кај кадетките и пионерките), е сосема доволен Вардар без никаква конкуренција од сите да биде прогласен за најдобар ракометен колектив во Македонија, па дури и од големиот ривал од Автокоманда. Ваквото истрчување на официјалниот сајт на Металург дури и зачудува со оглед што овој клуб беше меѓу првите кои му го честитаа големиот успех на својот вечен ривал.

Секоја чест на вториот тим на сино-белите, на нивните младинци, пионери и кадетки, но Вардар е европски шампион, а тоа според сите мерила е доволно никој друг воопшто да не се дрзне самиот да си се прогласи за најдобар во истата држава со црвено-црните.

Сѐ поинаку од ова би било во стилот на легедарниот Зекуле од Чаир (или по ново Зоруле од Автокоманда како што самата претседателка на Металург, Зорица Блажевска, на шега си се именува) дека ако Металург го победил Вардар, а Вардар ја победил Барселона, тогаш Металург дефинитивно е подобар од Барселона.

И.К.