Вардар дојде на една победа до двојна круна

Македонскиот шампион Вардар славеше во дуелот против Бутел со 33-23 и така дојде на една победа од освојување на домашното првенство, откако претходно го освои и Купот на Македонија со победата од 23-22 против Пелистер.

„Црвено-црните“ имаа водство од самиот старт, а избегаа на три гола предност во 12. минута (8-5), по што Бутел веќе не можеше да се врати во игра, а на полувреме имаше негатива од четири гола (12-16).

Вардар ја одржуваше предност од пет погодоци во поголемиот дел од второто полувреме, а потоа следеше период во кој Бутел целосно го изгуби ритамот и му дозволи на ривалот да стигне до убедливи 33-23.

Тимур Дибиров беше најдобар во тимот на Вардар со седум погодоци, додека Филип Талески постигна пет, додека на спротивната страна најдобар беше Мирко Мајиќ со шест голови.

Вардар има 28 бодови, колку и Пелистер, меѓутоа подобар резултат во меѓусебните средби, па сега го дели само една победа од одбрана на шампионската титула. „Црвено-црните“ во последното коло играат против Тиквеш, додека битолскиот тим ќе се соочи со Бутел.