Уште две вардарки си најдоа чаре: Пенезиќ и Хмирова претставени во Шиофок!

Најавите добија официјализација, Андреа Пенесиќ и Татјана Хмирова станаа нови ракометарки на унгарскиот тим Шиофок.

Вардаровите бекови потпишаа едногодишни договори со Шиофок и ќе претставуваат огромно засилување за следната сезона. Toa е клуб, моментно петти во првенството на Унгарија, со амбиции да се приближува кон врвот, запоседнат од Ѓер и Ференцварош.

Пенезиќ и Хмирова се меѓу последните ракометарки на ЖРК Вардар кои договорија трансфери за следната сезона, откако клубот им соопшти дека ќе го скратува паричниот фонд во иднина. Хрватката првично најавуваше дека ќе ја заврши кариерата, но реши да го одложи тој чекор, барем, за уште една сезона.

Досега Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ и Драгана Цвијиќ потпишаа за ЧСМ Букурешт, Амандин Лејно се согласи за трансфер во Ѓер, Сара Ристовски ќе игра за Крим, а уште претходно Александра Лакрабер му се вети на Флери. Нема потврда за интересот на Мец за Бараба Лазовиќ.