Учесниците во СЕХА да се вратат и во македонската Суперлига

Суперлигашките клубови од Македонија одржаа конференција на која беа предложени неколку промени за сезоната 2020/2021. 

Ракометната федерација на Македонија даде предлог, од 2020/21, двете наши екипи кои настапуваат во СЕХА-лигата, да се приклучат во редовниот календар на Суперлигата уште од почетокот на сезоната. Овој чекор ќе го направат повеќето екипи од СЕХА, веќе од претстојнава сезона, од причина што регионалната лига го смени форматот на натпреварување.

Наместо едноставен табеларен систем, сега ќе се игра во две групи со по шест екипи, што значи учесниците ќе имаат осум натпревари помалку низ годинита, а со тоа полабава агенда и можност да се посветат и на домашните конкуренции.

Истовремено, како додавка на овој, РФМ даде предлог од сезоната 2020/21 да се намали бројот на екипите во Суперлигата, бидејќи фактите велат дека неколку сезони наназад последните две екипи каскаат на дното и не можат да се носат со останатите.

Овие предлози треба да бидат доставени до управниот одбор на РФМ и за да се имплементираат според планираното, треба да бидат прифатени најдоцна до февруари 2020.