Трет пораз за Работнички, Бутел со пресврт до триумф во Суперлигата

Работнички одигра уште еден лош меч во ракометната Суперлига и загуби од Прилеп со 29-34, додека Бутел со победа се враќа од Кавадарци, каде што славеше со 25-22 против Тиквеш.

Во првото полувреме се водеше голема борба меѓу двата тима, но на полувреме Прилеп имаше водство од 17-15.

Прилеп на стартот на вторите 30 минути постигна неколку голови и водеше со 21-16, па до крајот на мечот ја одржуваше предноста и славеше со 34-29.

Во редовите на Прилеп најдобри беа Чантурија и Бикоски со по шест погодоци.

Бутел славеше на незгодното гостување во Кавадарци кај Тиквеш со 25-22, иако во првото полувреме сликата на теренот беше сосема различна.

Тиквеш одигра добри 30 минути и на паузата меѓу двете полувремиња замина со 12-9. На стартот на вториот дел Бутел израмни најпрво на 14-14, а потоа направи и целосен пресврт, па постојано го зголемуваше водството до конечни 25-22.