Суслина пресече: Толку е, мојата голема љубов заврши! (ФОТО)

Голманката на ЖРК Вардар и првата ракометарка, која дојде прва во амбициозниот проект на Сергеј Самсоненко, во 2012 година - објави дека става крај на својата кариера.

Русинката, која во јануари наполни 39 години го завршие своето патешествие во светот на ракометот. Таа е, веројатно, единствената, која сигурно немаше да продолжи да игра ракомет, дури и ако ЖРК Вардар продолжеше да постои во овој облик. Ако е, пак, спротивно, тогаш само ѝ ја забрзаа важната животна одлука, да замине во пензија.

Одлуката ја соопшти на својот профил на Инстаграм, заблагодарувајќи се на сите.

„Толку е, ја завршив мојата ракометна кариера. Мојата голема љубов траеше 26 години! Моите сништа, моите желби, солзите, мојата радост...беше многу, многу, многу интересен живот! Го живеев! Ракометот како прва љубов засекогаш ќе остане во моето срце. Благодарам на луѓето кои беа секогаш тука, на фановите на трибините, тренерите кои ме учеа....јас сум среќна личност. Драго ми е за се што поминав, а сега ми е драго што се пензионирам“, напиша Суслина.

Заедно со објавата, сподели неколку фотографии од Вардар, од раните денови на нејзината кариера, но и видео со сите освоени медали. Таа беше светска шампионка со Русија во 2001, 2007 и во 2009 година, до европското злато не стигна, но освои сребро и бронза, во 2006, односно во 2008 година во Македонија. Истата година беше и олимписка вицешампионка во Пекинг, а има и еден грст индивидуални признанија, како на пример најдобар голман на СП 2009, на ЕП 2006 итн.