Суперлигата не е ни на повидок: Пролет има нови осум заразени!

Ракометната Суперлига личеше дека ќе се опорави од првиот удар кој ѝ го зададе коронавирусот и ќе продолжи, но тоа изгледа малку веројатно откако денеска Пролет пријави осум новозаразени ракометари.

Екипата од истоимената скопска населба досега имаше само еден заболен, искусниот голман Петре Ангелов, но денеска со соопштение ја извести јавноста дека маката продолжува.

„Резултатите се разочарувачки, и покрај настојувањето за максимално почитување на мерките, дури осум членови на Пролет од тестираните се позитивни и веќе се ставени во самоизолација.“, пишува во известувањето од клубот.

Тоа значи дека целата екипа е во изолација, за повторно враќање на тренинзи не станува збор, впрочем не тренираат веќе пет дена, откако „Диви“ беше дијагностициран на 10 октомври. 

Поради ова, рестартот на Суперлигата е тешко веројатен, иако беше планиран за 21 октомври. Пролет игра во групата А, во која поминаа само две кола, но прашање е како ќе се одвиваат работите и во групата Б, бидејќи таму денеска Еурофарм Пелистер 2 пријави еден случај на инфициран, а ги чека тестовите од останатите.