Суперкуп, втора епизода: Вардар и Металург ослабени под отворено небо!

Вардар и Металург вечерва (21ч.) ќе се пресметаат во вториот Суперкуп во македонското ракометно првенство, означувајќи го почетокот на наовата натпреварувачка сезона. Мечот ќе се игра под отворено небо, во рамките на Струшкиот турнир.

Како никогаш досега, Вардар и Металург влегуваат во меѓусебен дуел со големи промени зад себе. И двете екипи имаат нови тренери, поголеми или помали промени во стилот на играта и неколку нови ракометари. Вардар останува фаворит и тоа убедлив, па секој епилог освен негова победа ќе биде изненадување.

Ова, особено што Металург ќе игра ослабен, без четворицата странци во својот тим, староседелците Токиќ и Јагањац и новајлиите Ќерими (среден бек) и Миличевиќ (пивот). Јагањац. Проблеми има и Вардар, повреден е Игор Карачиќ, кој не настапи ниту на подготвителниот турнир во Германија, минатата недела, а Дејан Милосављев е единствениот голман, откако Страхиња Милиќ си замина.

Сепак, Роберто Гарсија Парондо располага со широк репертоар играчи, кои можат да воспостават доминација на Вардар на теренот „Женска плажа“. Ќе биде ова прв официјален натпревар и за него, но и за Скубе и Киселјев како нови засилувања и за Горбок како повратник во тимот. Металург, пак, нема ни да го има својот прв тренер на клупата. Данило Брестовац во моментов е во Грузија, со репрезентацијата до 18 година, борејќи се за финале на ЕХФ-шампионатот.

Затоа тимот ќе го води Оливер Димитриоски, долгогодишниот тренер на младински екипи во Металург, кој ги познава играчите. Филип Кузмановски и Мартин Велковски ќе бидат предводници на екипата, а момците од младинската репрезентација (У20), која неодамна го освои Шампионатот во Скпоје, ќе имаат поголема шанса да се истакнат.