Струга промаши пенал за триумф, реми меѓу Бутел и Металург

Денеска беа одиграни две дерби пресметки во ракометната Суперлига, а двата меча завршија нерешено. Струга имаше голема можност за триумф против Охрид, но промаши пенал (17-17), додека Бутел и Металург си ги поделија бодовите (23-23).

Голема борба се водеше меѓу тимовите на Охрид и Струга, а гостите имаа предност од 8-6 пред крајот на првото полувреме, по кое домаќините израмнија на 8-8 пред паузата. Стружани имаа шанса за триумф при резултат 17-17, но не искористија пенал и резултатот остана непроменет.

Најефикасен кај Струга беше Ракочија со пет голови, а исто толку постигна Блажески на спротивната страна.

Бутел и Металург ги поделија бодовите откако одиграа 23-23, а посебно беше израмнето второто полувреме во кое се играше гол за гол.

Иако Бутел подобро го отвори првото полувреме и имаше водство од 3-0, сепак Металург се врати во игра и направи пресврт (10-9), а на паузата тимот од Автокоманда замина со 12-11. Во вториот дел повторно следеше израмнета игра, а на крајот Бутел имаше напад и за победа, но не го искористи.

Најдобар во нападот на Металург беше Хорват со осум голови, додека кај Бутел најефикасен беше Владимир Јевтиќ со седум погодоци.