„Сите се сомневаа во Раул кога доаѓаше во Вардар, ама тој им докажа дека е – генијалец!“

Изминативе години дресот на Вардар го носеа голем број ракометари кои оставија свој белег и чиј придонес на теренот се памети, а меѓу нив има и такви кои што го сторија тоа без притоа да бидат дел на екипите кои во три години двапати се искачија на кровот на Европа.

Еден од таквите е и Алем Тоскиќ, кружниот напаѓач кој во Скопје настапуваше од 2013 до 2016 година и кој си замина непосредни пред освојувањето на првата европска титула, нешто за што засекогаш ќе жали.

„Кога си го враќам филмот, дефинитивно дека жалам што си заминав непосредно пред првиот европски триумф, но кој знае зошто е тоа добро. Сите знаеме за ракометот и кариерата, но постои и друга страна на медалот, поради што морав да си заминам во Словенија од семејни причини. Жал ми е за тоа, бидејќи три сезони бевме на гол-два до пласман на фајналфор-турнирот и кога конечно ја надминавме таа бариера, кај не бев во составот. Но, дури 90-отсто и играчите кои дојдоа до златото играа со мене, а главен 'виновник' за тоа дефинитивно е тренерот Раул, кој го направи резултатот. Сите се сомневаа во нога кога доаѓаше во Вардар, но покажа дека може сѐ да оствари“, изјави Тоскиќ во интервјуто за „Балкан хендбол“.

Токму работата со шпанскиот стратег е една од причините што Србинот се реши да продолжи како тренер и тоа во унгарскиот тим Чурго.

„Се ежам кога зборувам за Раул, тој е број еден во најголемиот дел од мојата кариера. Шпанецот е генијалец, голем демонстратор дека авторитетот се прави на теренот. Кога дојде во Скопје, наиде на една зезната средина, во која играчите требаше да се насочат кон вистинската страна. Малку по малку, тој успеа во тоа. Ја освои Лигата на шампионите и сите ракометари напредуваа под негова команда. Навистина не гледам ниту еден од тимот што не отиде напред под команда на Раул“, објаснува некогашниот пикер на Вардар.

Тоскиќ изненади и со компаранцијата на релативно малиот тим во кој сега работи, со шампионскиот на Вардар.

„Чурго е еден од најстабилните тимови во Унгарија, со врвни услови за работа. Градот има 5.000 жители, а салата капацитет од 2.500 гледачи и постојано е полна. Бев кај Сергеј Самсоненко во Вардар и ви гарантирам дека Чурго има подобри услови од европскиот шампион. Тоа е перверзија“, дополни некогашниот српски репрезентативец.

Тоскиќ беше дел од селекцијата на Србија на ЕП 2012, кога северниот сосед дојде до сребрениот медал на шампионатот одржан во оваа земја, на кој Македонија беше петтопласирана.