„Сите доаѓаат овде, зашто Македонија е земја во која страста е пуштена до милион!“

Македонскиот ракомет во текот на пролетта и летово 2020 стана атрактивен како што не се памети. Не само поради ѕвездите во еден тим, како што беше случајот со Вардар до пред некоја година, туку поради масовната преселба на звучни ракометари во повеќе наши екипи. Оваа плима од публицитет за македонскиот ракомет како да почне уште во јануари, кога Жељко Бабиќ стана тренер на Еурофарм Пелистер. Секогаш интересен, уникатно харизматичен и што е најважен, квалитетно потковен во ракометна смисла, дојде да создава модерна епизода од вечната ракометна бајка во Битола. На почетокот на подготовките за сезоната која може да предизвика голем интерес за нашата Суперлига, чепнавме во неговите мисли.

Дојде во јануари, како габаритно ракометно име, со стекната почит на македонска територија од досегашните регионални натпревари и, секако, декориран со единствениот медал на Хрватска на последните седум големи првенства (бронза ЕП 2016). Го презеде Еурофарм Пелистер како наследник на Стевче Алушовски, а сега ќе мора преку него ако сака да ја врати шампионската слава во Битола.

Кој знае како ќе се завршеше прекинатата сезона 2019/20, но тоа останува тема за бескрајни разговори. Бабиќ и раководството на Е. Пелистер погледнаа како да ја направат подобра следната 2020/21, па почнаа да го кројат тимот по негов ќеф. Го донесе Стипе Мандалиниќ како нов лидер, а покрај него уште неколку потенцијали, пред сè со македонски, изворен пасош. Откако направи прв скен на подготовките во Маврово, вели задоволство му е што работи со вакви луѓе.

„Клубот направи едeн нов концепт, со млади и потентни играчи, кои сигурно се големи, врвни таленти. Од нив очекуваме во скоро време, не можам да кажам точно кога, да ги покажат своите квалитети и да му помогнат на Еурофарм Пелистер на патот што го има зацртано и секако, да помогнат на македонскиот ракомет, што е многу важно. Покрај младите, купивме и двајца искусни и квалитетни играчи во Стипе Мандалиниќ и Јосип Периќ, кои дојдоа од Бундеслигата и имаат големо искуство, добри играчи и добри луѓе. Така што, имаме навистина спој на искусни и млади ракоеметари, кои допрва треба да дојдат, но она што мене ми се допаѓа е таа заедничка црта кај сите, таа човечка карактеристика на скромност и посветеност. Сите тренираат одлично, не прашуваат зошто нешто се работи, туку слушаат. Јас како тренер само можам да му заблагодарам на клубот за играчите кои се доведени, задоволство ми е да можам да ги учам тие луѓе, да работиме заедно и да можеме да растеме и како луѓе и како тим.“, изјави Бабиќ во разговорот со Спорт1.

Минатогодишната физиономија на тој Еурофарм работник, подоцна Е. Пелистер, делуваше помоќно од резултатите кои ги оствари. Неколку натпревари од ЛШ ги загуби со по еден разлика и со пресврти од противниците. Сега тимот е поинаков, но како ќе изгледа на скалата на европските опоненти, особено со новоформираната Европска лига (ЕЛ), која претставува само ублажена верзија на старата ЛШ?

„Секој тренер избегнува да дојде во полусезона во кој било клуб, бидејќи тогаш сигурно има некои проблеми во тимот, ако ги немало, не би ни се менувал тренерот. Кога ќе дојде тренер на полусезона, веднаш е во некој мал хендикеп, помалку ги познава играчите, тие ги немаат карактеристиките што тој ги очекува итн. Затоа се согласувам со вас дека секогаш е добро да се дојде на почеток на сезоната и затоа ние во овој празен период заедно го одредивме правецот, какви играчи сакаме за нашиот тим и донесовме точно такви. Секако дека сега како тренер ми е полесно. Ние имавме шанси да бидеме и во минатата сезона, но сега ја искористивме паузата одлично и ги зацртавме целите. Оваа година сигурно би требало да имаме поголема улога во Европската лига и секако дека се надеваме да го поминеме тој прв круг, да излеземе од групата. Значи една од целите е тоа, да излеземе од групата, мислам дека Еурофарм има сила тоа да го направи“, најави Бабиќ.

Е. Пелистер доби привилегија да влезе директно во групите од ЕЛ и тоа значајно ќе ги скрати напорите претстојнава есен, бидејќи можните противници се „кој од кој“. Допрва треба да се види какви ќе бидат реакциите и ефектот на оваа новоформирана лига, но Бабиќ смета дека е добар потег на ЕХФ.

„Кој следи ракомет малку посериозно јасно му е дека таму има сериозни тимови, кои до лани играа во Лигата на шампионите. Мое лично мислење е дека оваа Европска лига му помага на ракометот за ширење во некои земји, кои, можеби, не се толку добри репрезентативно, па интересот е помал. За пропаганда на ракометот, да има што повеќе земји и тимови оваа лига е одлична, да се шири од Исланд до Истанбул. Мислам дека ЕХФ токму тоа ќе го постигне“, размислува Хрватот.

За ЕЛ веднаш кажа дека целта е пласман во елиминациската фаза напролет, но за домашното првенство не сакаше да навлегува во прогнози и најави. Вардар е актуелен шампион и несомнено, целта за гаѓање и за Е. Пелистер и за Металург, но колкави се шансите на овој Е. Пелистер во подем, кој вложува, наспротив Вардар кој допрва треба да демонстрира како му влијаела целата реконструкција.

„Видете, спортот е убав затоа што е непредвидлив. Вардар треба да се почитува како првак на Европа и на Македонија и секако дека ние имаме респект, меѓутоа, јас ако говорам во свое име, не се оптоварувам со Вардар. Мене ми е важно само нашиот тим да игра на највисоко можно ниво, па времето ќе покаже дали имаме квалитет да бидеме шампиони или не“, прокоментира дипломатски ученикот на Лино Червар (по ракомет).

Продолжи за длабочината на македонскота Суперлига, за останатите конкуренти, за опасниот Металург...

„Македонското првенство, тоа е навистина супер-силно и возбудливо. Има четири, пет силни тимови, не треба да се потцени Металург, ниту Охрид кога игра дома. Тоа се тимови кои, ако не си фоксуиран и подготвен физички и ментално, може да ве победат. Така што, Вардар е шампион, тој си ја има својата позиција, ние имаме обврска да се ангажираме максимално, да имаме дисциплина и да не дозволиме некој да нè победи во желбата. За останатото ќе видиме, сè уште е почеток на подготовките, долго е првенството, а патем се играат и европски купови. Јас само сакам мојот тим да биде подготвен да го даде својот максимум кога ќе биде најпотребно, а тоа е во плејофот од македонското првенство. Таму ќе биде тешко, не е само со Вардар, реков, опасен е и Металург, има одличен тренер, така што...сега е рано, прашајте ме некаде во ноември“, рече Бабиќ и закажа средба.

Кој тим и да преовлада таму некаде на крајот на мај, без дилема во него ќе има најмалку еден популарен странец кој пролетва реши да се пресели во Македонија. Било да е тоа неговиот Мандалиниќ, Вујин од Вардар или Хорват од Металург. Тие се насловните лица на овој неочекувано квалитетен миграциски бран во Суперлигата, за кој се надеваме ќе донесе добри вибрации за мак-ракометот на подолг рок. Го прашавме Бабиќ како тој го објаснува овој епитет на Македонија како ветена ракометна земја во овој агол од Европа и за ракометарите и за него како тренер.

„Јас ракометот во Македонија го следам малку подолго време и можам да речам дека има нешто во тоа како македонскиот народ го сака спортот, таа некоја страст за ракометот, па играчите или тренерите сакаат да бидат дел од таа појава која е стравично силна. Сите сме љубопитни да видиме што е тоа што го движи македонскиот ракомет. Мислам дека тука лежи нешто многу интересно и сите тие се спортисти по карактер, компетитивни, затоа сакаат да го искусат тоа и сите сакаат да бидат шампиони на Македонија, токму затоа што Македонија живее за ракометот. Мислам дека еден дел од мотивите лежи токму тука, да се подигне пехарот во една атмосфера, која е неконвенционална, во која страстите и емоциите се до милион. Тоа е уникатен спортски предизвик“, опиша Бабиќ не штедејќи ги украсите од својот вокабулар.

И навистина, се закажува вистински деликатес за ракометните гурмани, за жал, дури таму напролет, кога Е. Пелистер и Вардар ќе завршат со групната фаза од СЕХА-лигата и ќе го почнат плејофот во македонската Суперлига. Дури тогаш ќе го гледаме „дерби-тријаголникот“ Вардар-Еурофарм Пелистер-Металург, но за среќа имаме шанса да ѕирнеме во некоја првична, неконечна верзија од него веќе неделава, на Струшкиот турнир. Бабиќ од него очекува, прво и прво да го врати уживањето во ракометот, кое замре добри пет месеци.

„Јас би сакал прво ние да уживаме во ракометната игра, бидејќи ќе се сретнеме по долго време. Да се поздравиме, малку да играме ракомет и да видиме прв впечаток кои се наши добри страни, кои се лоши, што да се поправи итн. Важно е дека ќе има натпревари и дека ќе биде една голема радост, зборувам барем во мое лично име. Многу сум среќен што повторно ќе се вратиме во игра и што ќе му пркосиме на вирусот. Ќе видиме некој почетен однос на силите, но тоа се пријателски натпервари, па вистинската сила и добрите и лошите работи нема баш да можат да се видат. Но, секако дека сите ќе сакаат да победат и тоа е во ред и спортски. Преку овој турнир да си ја вратиме страста и љубовта за спортот и да уживаме“, заврши 48-годишниот Хрват.

Дојде во Еурофарм Пелистер од Горење, каде што беше тренер само една сезона, веднаш по двете на чело на хрватската репрезентација (2015-17). Јавноста кај нас го забележа како тренер на Мешков Брест, од 2013 до 2015 година, период во кој славеше победи и над Вардар и над Металург.