РФМ го одложи стартот на Првата лига: Нема одлука за суперлигашите

Македонскиот ракомет е во тотален хаос, откако во дури пет суперлигашки клубови се појавија 50-ина позитивни на Ковид-19

Ракометната федерација на Македонија минатата недела ги суспендираше натпреварите во рамки на групата А, откако прво во таборот на КЛ-7 се појавија 16 позитивни случаи, а потоа во истата конкуренција се јавија и Радовиш, Охрид и Струга со нови случаи на коронавирус. Вчера Работнички исто така пријави дури 15 позитивни случаи, но од РФМ засега нема реакција за суспендирање на натпреварите и во Групата Б во Суперлигата.

Затоа пак „Куќата на ракометот“ реши да го одложи стартот на Првата лига, која е всушност втора по ранг во македонскиот ракомет. Засега не е познато кога ќе стартува прволигашката конкуренција, но тоа веројатно ќе зависи од она што ќе се случува во Суперлигата.

Многу е извесно да бидат стопирани сите натпревари во елитата за да се спречи можното ширење на вирусот и во оние клубови каде засега нема позитивни случаи.