Ракометниот Суперкуп на отворено: Металург прв ќе го тестира новиот Вардар!

Второто издание на ракометниот Суперкуп ќе се одржи на 18 август во Струга, каде што на отвореното игралиште во овој град силите ќе ги одмерат Вардар, како освојувач на двојната круна и Металург, финалист во Купот на Македонија.

Ова ќе биде прв официјален натпревар за новиот состав на црвено-црните, кој првпат по долго време од клупата нема да биде предводен од шпанскиот магионичар Раул Гонзалес. Составот од Автокоманда, воедно, ќе биде првиот што ќе ја тестира силата на новиот Вардар, секако на меч од официјален карактер, во кој нема да настапат голем дел од јунаците кои лани станаа европски шампиони, а годинава пак настапија на фајналфор-турнирот во Келн.

Вардарци се во улога на бранители на трофејот од првиот Суперкуп, што лани се одржа во СЦ „Јане Сандански". Во тој натпревар Вардар го победи Еурофарм Работник со 30-25.