Прв триумф за Металург во Струга, „му се истури“ на Прилеп

По вчерашниот тесен пораз од Еурофарм Пелистер и неубедливото свое издание, денеска Металург ја запиша првата победа на Струшкиот турнир, надигрувајќи го Прилеп.

Големиот фаворит ја оправда оваа улога со конечни 33-24 на „Женската плажа“, меѓутоа конечните девет разлика не ја говорат целата приказна за мечот.

Прилеп беше конкурентен, дури и рамноправен во првото полувреме, во кое „металурзите“ се издвоија кон крајот на 30-те минути, за да заминат на пауза со 13-11. Второто полувреме го почнаа со серија од 4-0, потоа дојдоа и до 23-14, а победата не ја стави во прашање ниту еден добар период на прилепчани во кои постигнаа четири гола во низа.

Се истакнаа Мице Шилегов со осум гола, а Ѓорѓески имаше 14 интервенции.

Успешен поправен денеска имаше и Бутел, совладувајќи го Еурофарм Пелистер 2 со 21-17. Скопјани имаа многу покомотно прво полувреме, кое го добија со 11-6. Во второто беа релаксирани некаде до 40. минута, кога почна враќањето на битолчани, за во 45. минута да биде 15-15. Сепак, поискусниот тим најде начин да излезе од шокот и да врати пристојно водство за победа.

 

СТРУШКИ ТУРНИР, ДЕН 2

ГРУПА А

Металург - Прилеп 33-24 (13-11)

ГРУПА Б

Бутел - Еурофарм Пелистер 2 21-17 (11-6)

Вардар - Охрид   21.15 часот