Пролет му парираше на Вардар, Е. Пелистер сигурен против своите

Вардар и Еурофарм Пелситер победнички ги завршија обврските од шестото коло во плејофот од Суперлигата, одржувајќи го чекорот на врвот на табелата.

Вардар славеше над Пролет со 30-24 во својата „Јане Сандански“ со дозирана игра, држејќи го градскиот ривал на дистанца доволно за да парира, но недоволно да го загрози резултатски. Во првиот дел водството на црвено-црните достигна највисоки 12-7, меѓутоа Пролет најде лек за агресивната одбрана на вардарци, па до крајот на полувремето се доближи и на пауза замина со минус два, 15-13.

Во вториот дел гостите и понатаму парираа и го следеа Вардар на 2-4 разлика, но Борко Ристовски го даде чекорот кон „бегство“ за повисока предност и сигурна победа. Конечните плус шест беа најубедливи во текот на мечот, а во нив најголемо учество имаше Тимур Дибиров со девет гола. Јагуриновски, Георгиевски и Талески постигнаа по пет гола, а кај гостите Аларов седум пати биеше прецизно.

Во Битола, пак, немаше дилеми за победникот во дуелот на двата братски тима на Еурофарм Пелситер. Во првото полувреме поквалитетната екипа успеа да дојде и до плус шест, иако на пауза замина со 14-10. Дали од ротацијата, дали од опуштање поради предноста, првиот тим на Е. Пелистер дозволи противникот да се доближи на 19-18, меѓутоа кризата траеше кратко. До крајот предноста стана комотна, а победата сигурна, со 28-21.

Стипе Мандалиниќ беше прв голгетер во „Боро Чурлевски“ со осум гола, Јосип Периќ му помогна со пет гола, додека кај помладиот Е. Пелистер, Атанасијевиќ беше најефикасен со четири бода. На табелата Вардар дојде до 18 бода, Е. Пелистер го следи со 15, Пролет остана трет со девет бода, а вториот Е. Пелистер е осми, последен со два бода.

Ракометарите на Прилеп ја потврдија одличната форма и стигнаа до четвртата победа по ред, откако денеска го совладаа тимот на Младост со 29-23 во плејаутот. Чантурија беше најефикасен со седум постигнати голови кај прилепчани, додека на спортивната страна исто толку постигна Лупашко.