Пролет ја врати честа на својот дом во дуелот со Бутел

Екипата на Пролет победнички ја почна плејоф-фазата, во македонската ракометна Суперлига. Во салата на училиштето „11 Октомври“, дојде Бутел, екипата која еднаш го освои овој терен, во основниот дел од сезоната, но овој пат домаќините надвладеаја.

Пролет славеше со 26-23, во многу подобро и поорганизирано второ полувреме. Првиот дел заврши со 11-11, а во цврстата и агресивна игра, Бутел почесто водеше.

Во второто полувреме, домашниот голман Стефан Кимевски имаше неколку одлични интервенции, па предноста на Пролет постепено растеше. На 10 минути до крајот првпат достигна +4, 21-17 и оттука Бутел не можеше да се врати.

Мартин Манасков беше најефикасен на натпреварот, со седум гола, а Григорјев кај гостите постигна шест.

Претходно, Металург тешко го совлада Пелистер, со 28-26, а третиот меч од ова воведно коло, меѓу Вардар и Еурофарм работник, беше одложен поради европските обврски на двата клуба.