Португалец и Русин го засилуваат Вардар, тренерот Дејвис на излезна врата?!

Португалскиот репрезентативен бек Жилберто Дуарте и рускиот пивот Павел Андреев ќе го засилат најтрофејниот македонски клуб Вардар за следната сезона, откако црвено-црните веќе донесоа две нови имиња во составот, но најверојатно актуелниот кормилар Дејвид Дејвис ќе си замине од поранешниот двоен европски шампион.

Дејвис дојде сезонава како замена за Веселин Вујовиќ, кој го напушти кормилото после серијата на порази во Лигата на шампионите и вардарци успеаа да го освојат трофејот во Купот на Македонија, а се многу близу и да ја одбранат шампионската круна после триумфот во клучното дерби за титула во Битола пред 20 дена. Но, Дејвис сега е на излезна врата и според последните најави многу близу да замине откако официјално ќе заврши оваа сезона.

Во Вардар веќе дојдоа Словенецот Нејц Цехте од германската Бундеслига, како и Црногорецот Божо Анѓелиќ, две нови имиња кои црвено-црните веќе ги промовираа, а пред промоција сега се и Дуарте и Андреев.

Дуарте е лев бек и 31-годишниот португалски репрезентативец како слободен треба да дојде во Скопје зашто му завршува соработката со француски Монпелје. Тој треба да ја пополни позицијата каде е Филип Талески, зашто веќе извесно е дека браќата Њокас ќе си заминат. Инаку Дуарте е поранешен ракометар на Висла Плоцк и Барселона.

Андреев, пак, во Скопје треба да дојде од Чеховски Медведи и треба да биде замена за Жереми Тото, кој си заминува од македонскиот шампион, а останува неизвесна и иднината на Патрик Валчак. Андреев беше дел од руската репрезентација на Европското првенство во 2020 година.