Поранешен светски младински вицешампион и пулен на „Вујо мајсторе“ потпиша за Пелистер!

Екипата на Пелистер во вториот дел од сезоната во Суперлигата ќе влезе осетно засилен, откако нов ракометар на овој тим стана српскиот интернационалец Александар Станојевиќ, кој во 2005 година беше светски младински вицешампион со тогашна Србија и Црна Гора на чија клупа седеше нам добро познатиот Веселин Вујовиќ.

Станува збор за десен бек, кој во минатото играше и за Металург и тоа во периодот кога овој тим бележеше одлични настапи во Лигата на шампионите. Станојевиќ кариерата ја почна во Партизан, а има играно уште и за германски Балинген, Гумерсбах и Вецлар, словенечко Горење, француски ПСЖ и Раднички Крагујевац од Србија. Настапувал и за тимови од Катар, Саудиска Арабија и Турција.

За репрезентацијата на Србија има одиграно 32 меча, а дебито во зелено-белиот дрес ќе го има на утрешниот пријателски меч против Струга во Битола.