Почнува турнирот во Струга: Домаќинот и Еурофарм Работник - македонски адути!

Со амбиции за најдобра организација и најквалитетен ракомет, барем, во последнава деценија,Струшкиот турнир денеска означува почеток на 46. издание. Меѓу осумте екипи од седум земји, Македонија ќе биде претставена од Еурофарм Работник и од домаќинот Струга.

Летото не е период за клупски ракомет, освен ако не сте во Струга. „Женска плажа“ ќе биде центарот на случувањата од денеска до недела, а за разлика од претходните години сега локалците ќе навиваат и за својот тим, кој е во конкуренција и тоа со посилен тим од кога било во последниве две децении.

Токму Струга ќе го отвори турнирот и тоа против Железничар од Ниш, од 17 часот, Андон Бошковски на едната, Веселин Вујовиќ на другата клупа. Веднаш потоа ќе се случи и свеченото отворање (18.20 часот), а од 19.15ч. ќе се одигра и вториот меч од таа група 2, Доброгеа Суд Констанца на Звонко Шундовски против шведски Алингсас.

Во вечерниот термин, од 21 часот, ќе се одигра првиот дуел групата 1, големиот фаворит Целје, ќе се пресмета со Еурофарм Работник. Натпреварите ќе траат до недела, кога ќе се игра за пехарот и за пласман, а в сабота, во 21 часот, Металург и Вардар ќе играат во македонскиот Суперкуп, означувајќи го стартот на новата сезона.

Натпреварите од Струшкиот турнир ќе бидат пренесувани на МТВ, а оние кои сакаат и имаат можност да бидат директно на „Женска плажа“, 50 денари дневен билет. Организаторот најави дека парите од влезниците ќе бидат донирани за болницата за дијализа во Стуга.

 

Група 1: Целје, Тулуз, Бешикташ, Е. Работник

Група 2: Железничар, Алингсас, ДС Констанца, Струга

17.00 ч.: Струга - Железничар

18.20 ч.: Свечено отворање

19.15 ч.: Констанца - Алингсас

21.00 ч.: Целје - Е. Работник