Писонеро: Кога влегов во салата на Вардар се возбудив - ова е култно место

Новиот тренер на Вардар, Давид Писонеро утре и официјално ќе го има првиот работен ден во таборот на европскиот првак. 

Шпанскиот стратег го имаше и првото интервју за клупската интернет-страница и ги сподели првите впечатоци од градот Скопје, но и од салата „Јане Сандански“, која и самата стана препознатлив бренд во европскиот ракомет.

„Се чувствувам многу добро во Скопје. Тоа се моите први импресии од оваа недела колку сум тука. Веќе го запознавам и градот, и добив многу добра препорака од моите пријатели како добро место за работа и живеење, вели Писонеро.  „Ова што тука го има Вардар е навистина извонредно. Кога влегов во салата се возбудив. Го гледаш ова култно место. Се изгледа поинаку кога си тука, на терен, на клупата и горе го гледаш семафорот. Ракометот тука поинаку се доживува, се е посветено на овој спорт. Тоа е разликата со Шпанија“, додава Шпанецот.

Исто како и неговите претходници од Шпанија, Раул Гонзалес и Роберто Гарсија Парондо, така и тој има за цел да го научи македонскиот јазик за подобра комуникација.

„Книгата за учење е мој најдобар пријател сега. Се разбира дека ќе дадам сè од себе побрзо да научам. Тоа е особено важно за добрата комуникација. Засега добро ми оди, вели Писонеро. 

Целосното интервју на Писонеро за клупската интернет страница на Вардар можете да го прочитате ТУКА.