Пелистер за дербито со Вардар најави хуманитарна акција

Викендов во Битола ќе се игра големото ракометно дерби помеѓу Пелистер и Вардар кое како и секогаш предизвика голем интерес кај публиката, а сега од македонскиот шампион најавија и хуманитарна акција во овој дуел.

Имено, „пелистерци“ ги повикуваат навивачите на полувремето од дербито на теренот да фрлат плишани играчки кои ќе бидат донирани на дечињата од ранливата категорија пред новогодишните празници.

Натпреварот со Вардар ќе биде и последен за оваа година пред домашната публика.

„РК  Пелистер испраќа хумана порака на последниот домашен натпревар во 2024 година. Ги повикуваме сите наши навивачи, симпатизери, приврзаници на полувремето од натпреварот против Вардар 1961 (сабота, 14 декември -18.00 часот) на теренот да фрлат плишани играчки наменети за дечињата од ранливите категории. Со оваа порака сакаме да ги потенцираме вистинските вредности на животот, пренесени преку спортот.“, стои во објавата на социјалните мрежи.

Дербито во Битола е закажано за в сабота во терминот од 18:00 часот.