Парондо откри зошто Вардар загуби во Купот од Металург, а сега го здроби Еурофарм!

Вардар релативно лесно го совлада Еурофарм работник во натпреварот од 8. коло во плејофот од Суперлигата, што значеше и предвремено освојување на домашната шампионска титула. Овој меч е вистинска контрадикторност на првиот мегу двете екипи, во Битола или, пак, на оној од финалето на Купот, кога Вардар загуби од Металург на пенали.

Вардар покажа повеќекратно дека има капацитет да ги победува најдобрите екипи од Европа, впрочем затоа и ќе игра на Ф4-турнирот во Келн, но токму поради тоа станува несфатливо, кога ќе загуби на домашна сцена или ќе се мачи со Еурофарм или со Металург. Таков не беше случајот денеска, кога лесно и уведливо славеа со 36-29.

„Кажав и кога игравме во Купот со Металург. Нашиот проблем е дека не играме со толку силен интензитет во домашните натпревари како во Лигата на шампионите. И тоа е нормално, не можете да играте денеска сто отсто, утре сто отсто... Имаме играчи кои имаат мали проблеми со повреди, потоа има правило за само девет играчи во составот кои не се Македонци и тоа е. Не одигравме тогаш, но денеска одигравме многу подобро и затоа победата е за нас“, објасни шпанскиот тренер.

Вели, со ова првенството го оставаат зад себе, иако имаат уште два меча за доработување - сега важен е Келн.

„Ние сме многу среќни затоа што сакавме титула, знаеме дека е важно за клубот да биде шампион. Од денеска лигата е зад нас и сега само се фокусираме на фајналфор.  Сега само тренирање и тренирање. Досега имавме натпревари, не можевме да тренираме како што посакуваме, сега имаме и време“, најави Парондо.

За поздравување е што ги искористи, речиси, сите играчи, освен Карачиќ, Чупиќ и Гедбан. Некои од ракометарите имаат проблеми во пресрет на Келн, но добрата вест е дека Кристијан Дисингер се врати.

„Дисингар е добар, но уште не е сто проценти подготвен. Важно е дека тренира, дека може да игра и ако продолжи да се подобрува ќе биде важен за фајанлафор“, дополни Шпанецот.

Вардар има помалку од 10 дена за тренирање, а на 1 и 2 јуни го очекува завршниот турнир во ЛШ.