Новиот тренер на Вардар: Со англискиот немам мака, ама македонскиот - многу тежок јазик!

Вардар го претстави новиот тренер, Шпанецот Давид Писонеро, кој во последниве две сезони го тренираше Ваљадолид. На заминување од неговиот досегашен клуб Писонеро сподели дел од очекувањата за Вардар.

Ваљадолид е неговиот прв клуб како тренер, почнувајќи од 2017 година. Тој е легенда на оваа екипа бидејќи има поминато 10 сезони во неговиот дрес во 90-тите и во раните 2000. Вели дека е човек, кој верува во работа и има високи цели.

„Мислам дека во Ваљадолид покажав дека не сум некој нервозен тип, туку човек кој размислува на големи цели и верува во секојдневната работа. Овде во клубот тоа го почитуваа, се надевам дека така ќе биде и во Македонија. Знам дека ова е највисокото можно ниво, знам дека ќе биде тешко, но тоа е. Јас ќе одам и ќе се обидам да го одржам гладот за успеси на таа екипа, желбата да победуваат. Да се обидам ја добијам довербата на таа екипа. Секако дека ќе биде тешко, но тоа е единствениот начин да се напредува“, вели Писонеро.

Притисокот е голем, не само што доаѓа во актуелниот европски шампион, туку и затоа што неговите претходници, исто така Шпанци имаа прво тренерско искуство во Вардар - ја освоија ЛШ. Ќе треба да ги наследи Раул и Парондо и во една друга работа - македонскиот јазик.

„Немам проблеми со англискиот јазик во моментов, но со македонски...уф...малку потешко. Ги видов на телевизија Раул и Парондо како зборуваат и не ми изгледа лесно. Но сето тоа доаѓа природно, важно е ние со ракометарите да се разбираме и да работиме на терен“, дополни Писонеро.