Новиот голман на Вардар е чудовиште за пенали (ВИДЕО)

Артурс Кугис ќе ја брани мрежата на Вардар, најмалку, во следните две години. Соиграчот на Даинис Криштопанс од летонската репрезентација не само што се прослави во квалификацииве за ЕП 2020, туку ѝ покажа на Европа каков специјалист за седмерци е.

Артурс Кугис се прослави во претпоследното коло од Квалификациите, кога Летонија дома ја победи Словенија со 25-24 и обезбеди пласман на ЕП. Тој беше директна причина за тој успех, бидејќи на 12 секунди до крајот на мечот му фати седмерец на Јуре Доленец. Фокусот и прибраноста во тие решавачки секунди ги виде цела Европа, кога ЕХФ го сподели видеото на својот канал на Јутјуб.

Меѓутоа, ретко кој ги следел квалификациите од почеток за да забележи дека оваа интервенција на Кугис не е случајна и дека тој е вистинско чудовиште за седмерци. Статистиката вели дека Летонија (Кугис како прв голман) се бранела од 25 пенали во шесте квалификациски натпревари и одбранила 8. Тоа се неверојатни 33 проценти, што е многу дури и за одбрани од поле, камо ли за пенали. Ова е само дел од нив.