Нема договор: Ништо од Ракчевиќ во Металург!

Се најавуваа преговори, можен трансфер и на крај ништо. Младен Ракчевиќ нема да се врати во дресот на Металург.

Искусниот црногорски пивот не се договорил со македонскиот вицепрвак, иако цело лето се зборуваше дека преговараат. Деновиве тој бил во Скопје и со сопственикот на клубот, Минчо Јорданов се разбрале дека нема простор за соработка.

„Разговаравме со Јорданов и обострано засклучивме дека можеби е најдобро да не доаѓам. Имаа и тие свои и јас свои причини. Моите се повеќе семејни, ќерка ми почнува школо и сакам да бидам повеќе време со неа. Разговаравме отворено, фер. Се разделивме екстра-коректно“, изјавил Ракчевиќ за порталот „g-sport.mk“.

Ако се земе предвид определбата на новиот тренер, Данило Брестовац, за тим со исклучиво млади ракометари, тогаш јасно е дека нема место за Ракчевиќ, барем не како играч, а очигледно не се договориле и за некоја друга улога.

Металург веќе донесе нов пивот, 20-годишниот Андреј Милиечевиќ, а во тимот ги има и Филип Арсеновски (20) и Милан Лазаревски (21).