„Не ме интересираат ПСЖ, Барса и Кил, мојот сон е да заиграм за - Вардар!“

Еден од најталентираните бекови во Европа, Симон Птилик (19), кој му даде седум гола на Еурофарм Пелистер во пресметката во Европската ракометна лига за ГОГ Гудме има необичен сон за еден Данец – сака да игра во македонскиот гигант Вардар.

Иако ПСЖ, Барселона, Кил се ракометни гиганти каде може да добие богатство, синот на поранешниот тренер на женскиот тим на Вардар, Јан Питлик сака да игра во Вардар зашто од едно доаѓање во СЦ „Јане Сандански“ - буквално се заљубил во црвено-црните. Тој во 2015 година бил во Скопје кога гледал меч на Вардар и атмосферата го воодушевила.

„Бев во Македонија и го гледав Вардар, па ме импресионираше таа атмосфера во салата, начинот на кој играат и го доживуваат ракометот заедно со навивачите. Тоа го доживеав како дете и од тогаш сонувам да играм таму. Долго време веќе размислувам за тоа. На некој му е сон да оди во Франција, Шпанија или Германија, ама јас сонувам за неколку години да играм во Вардар“, вели Питлик.

Тој играше во Македонија на Светското првенство за кадети.