Металург се засили со репрезентативец на БиХ кого Вардар го памети по – лошо!

Сериозноста на амбициите за новата сезона, екипата на Металург ја потврди и со денешниот ангажман на босанскиот репрезентативец Марко Тарабокија (31 год, 193 см), кој игра на позицијата среден бек.

Станува збор за ракометар со големо искуство, кој зад себе има настапи за екипи како ППД Загреб и Висла Плоцк во Лигата на шампионите. Тој во Автокоманда доаѓа од таборот на Чурго, каде што минатата сезона играше заедно со поранешниот вардарец Алем Тоскиќ. Тарабокија им е добро познат на вардарци, со оглед што постигна гол со звукот за сирената за изедначување (30-30) во мечот на полскиот тим против црвено-црните во 2016 година, кога имаше учинок шест од шест од поле.

Тарабокија е петтиот ракометар со кој се засили Металург за претстојната сезона, по Златко Хорват, Бранко Канкараш, Момир Рниќ и Никола Потиќ. „Металурзите“ претходно ангажираа среден бек, Бразилецот Енрике Тешеира, но тој набрзо потоа се премисли и остана во романскиот тим ЧСМ Букурешт.