Металург се засили со Хрват – специјалист за одбрана!

Поранешниот македонски ракометен шампион Металург се засили со специјалист за одбрана, откако во Автокоманда дојде пикерот Тео Чориќ, кој има 27 години и е висок 197 сантиметри, а тежок 120 килограми.

Чориќ е поранешен ракометар на Замет, Пореч, Загреб и Штутгарт, а во последните две сезони играл во германскиот второлигаш Рајн Викинг. Чориќ е специјалист за одбрана, кој важи за исклучително добар дефанзивец, па со него сега ќе треба да се подобри играта во одбрана која беше разочарувачка на последниот меч со Загреб во салата „Борис Трајковски“.

Чориќ со Металург потпиша едно ипол годишен договор, а тој на новиот клуб ќе му се приклучи точно за една недела на 15 февруари. Инаку од Металург вчера си замина португалското засилување Рибеиро, кој не ги оправда очекувањата во Автокоманда.