Се најде екипа рамна на Металург, за малку шок во Скопје!

Металург покажа дека не бил недопирлив во домашната Суперлига и дека постојат екипи кои можат да му го земат скалпот или, барем, да му се заканат. Тоа се случи вечерва во скопската населба Пролет.

Пролет испушти победа од раце и водство од два разлика на минута и пол до крајот, за на крај да се задоволи со реми, 25-25. Беше 25-23 за домаќините во 59. минута, но искуството на металурзите дојде до израз. Прво Танкоски постигна гол, а потоа Чантурија имаше сигурна рака. Преостанатите 20-тина секунди Пролет не знаеше да ги искористи за чудо. 

Претходно, во првиот дел, Металург водеше, а на пауза замина со 15-13. Овој резултат доаѓа три дена откако сините од Автокоманда загубија со Суперкупот од Вардар со 24-26.

Овој натпревар беше централен во денешната програма од третото коло во Суперлигата. Металург не ја оправда фаворитската улога како гостин, но затоа Охрид не пропушти да го направи тоа во Битола. Го совлада Пелистер со 25-19, со доминантно второ полувреме, откако првото заврши со 10-10.

Во слична ситуација беше и Бутел против Вардар јуниор, славејќи со 31-26. но тие предноста ја создадоа во првиот дел, кој го добија со 16-10. Тесна победа заработи Радовиш против Струга со 29-27, откако и по првите 30 минути водеше со плус два, 14-12.

Ремито на Пролет и Металург најмногу му одговара на Бутел, кој сега е осамен на првото место, со девет бода. Двата скопски ривали го следат со по седум бода, а веднаш зад нив се Охрид и Радовиш со по шест. Од шестата до 10. позиција, екипите останаа на истите бодови: Пелистер 3, Струга 1, Работнички 1, Металург 2 и Вардар без бодови.