Марко Вујин: Ме привлече големата ракометна енергија на Скопје!

Актуелниот европски ракометен шампион Вардар од вчера има драстично подобар ростер за следната сезона, откако беше официјализиран потписот со еден од најдобрите стрелци во историјата на Лигата на шампионите, Марко Вујин, кој потпиша едногодишен договор со тимот од „Јане Сандански“.

Српскиот ветеран во изјава за „Балкан Хендбол“ објаснува зошто решил да дојде во Скопје и што го привлекло да го облече црвено-црниот дрес.

„Вардар е голем клуб, актуелен шампион на Европа. Ме привлече новата приказна на Михајло Михајловски. Голема ракометна енергија има во Скопје, и тоа ме потсетува на големите ракометни градови како Веспрем и Кил. Згора на тоа, ме привлече и фактот што Вардар и во следната сезона ќе има сериозен состав. Сум слушнал сѐ најдобро за условите за работа, за градот и за луѓето. Би сакал заедно да имаме успеси достојни на името на клубот“, изјави Вујин.

Новиот бомбардер под команда на тренерот Стевче Алушовски во моментов е петти по бројот постигнати голови во историјата на ЛШ.