Мараш останува во Еурофарм Пелистер до 2023 година

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер го продолжи договорот со својот ракометар Матео Мараш на уште две години. 

Хрватскиот интернационалец дојде во Битола минатото лето првично на позајмица, но успеа да ги импресионира челниците на клубот и тренерот Жељко Бабиќ. Ракометарот потпиша нов двегодишен договор и ќе го носи дресот на Пелистер до јуни 2023 година. 

„Сакам да му се заблагодарам на клубот. Првите шест месеци минаа многу убаво, беше прилагодување, но се чувствувам убаво тука. Играме многу добро, клубот покажува дека е на високо европско ниво, што може да се види низ натпреварите во Лига Европа и натпреварите кои ни претстојат, а на кои сакаме да покажеме кој е нашиот вистински квалитет. Имаме мала хрватска колонија тука во Битола. Имаме голем број интернационалци и многу добро сме сложени во тимот. Добро се согласуваме, добра клапа сме и пријатно е да се тренира и да се биде во овој клуб“, изјави 20-годишниот Мараш.