Манасков им се обрати на навивачите: Да го вратиме Вардар каде што припаѓа!

Македонското репрезентативно крило Дејан Манасков се врати во Вардар после шест години за да ја пополни дупката која се отвори со заминувањето на легендата Тимур Дибиров кој се пресели во ППД Загреб.

Манасков откако потпиша со Вардар им се обрати на навивачите на црвено-црните со најава дека сите заедно да го вратат најтрофејниот клуб на местото кое му припаѓа, откако Вардар поради забраната за настап во ЛШ, мораше да фати поинаков правец и да се откаже од претходно договорените засилувања.

„Драго ми е што повторно се враќам во Вардар после подолг период и се надевам дека сите заедно ќе ги оствариме целите на клубот и ќе го вратиме клубот таму каде што припаѓа. Сите заедно да се радуваме во новата сезона на нови успеси“, рече Манасков.

Македонскиот репрезентативец во првиот мандат како ракометар на Вардар не беше најдобро прифатен од навивачите на Вардар, кои не му ги забораваат гревовите како ракометар на Металург, па само една сезона Манасков мина во црвено-црните 2015/16.