„Лани реков ќе треба чудо за да останам во Вардар - се случи чудо!“

Еден од ракометарите кои останаа во Вардар и покрај сопственичката трансформација е Кристијан Дисингер. Германецот не се наигра многу во Скопје, поради бројните повреди, но, како што вели, на ентузијазмот многу му влијаела и финансиската криза. Сега, со новиот сопственик, верува дека се ќе се врати во нормала.

Дисингер е еден од четворицата странци кои остануваат во Вардар, покрај Дибиров, Калараш и Чупиќ. Го потврди и самиот тоа во интервју за германските медиуми, а ги откри и причините.

„Договорив сè со мојот менаџер и со новиот претседател, Михајло Михајловски и ќе останам во Скопје уште една сезона“, коментира левиот бек.

Интересно е тоа што пред само една година, беше тотално разочаран од она што го снајде Вардар и велеше дека само чудо може да го задржи во Скопје.

„Да, пред полуфиналето со Барселона, во Келн минатата така реков. Овде се случи едно мало чудо, сè се движи во вистинска насока. Едно е јасно: не сакам уште еднаш да преживеам сезона како минатата. Не беше воопшто интересно бидејќи премногу месеци не зедовме воопшто плата. Тешко беше да се фокусирате на ракомет. Последиците не го одминаа тимот, беше  катастрофално на тренинзи, но не поради тренерот, туку пореди целата ситуација. Барем никогаш не се каравме меѓу нас, како тим бевме сложни“, истакна 28-годишниот Дисингер.

Вели дека Михајловски му оставил сериозен впечаток и дека очекува нови големи работи со новиот Вардар. Сепак, тоа ќе зависи од комплетниот изглед на тимот.

„Сега сум убеден дека сè ќе биде подобро. Новиот претседател, Михајловски, нè увери дека ќе добиваме плата секој месец и јас немам причина да се сомневам во тоа, ми остави сериозен впечаток. Останаа многу од момците: Стоилов, Дибиров, Чупиќ не го напуштија клубот. Сакаме да му дадеме шанса на овој проект и верувам дека можеме да изградиме нешто заедно со уште неколку млади ракометари. Сепак, сè уште ни треба среден и десен бек. Кога ќе ги пополниме тие позиции, може да зборуваме за што сме способни да направиме. Целта е четврт-финале во ЛШ“, истакнува Дисингер.

Тој пропушти голем дел од сезоната 2019/20 поради повреда на коленото, но и во месеците кога не играше знаеше да биде актуелен, затоа што има девојка Македонка, па останувањето во Скопје му е дополнително олеснето. Само тешко се снаоѓа со полициските часови.

„Овде е малку построго, имаат т.н. полициски часови во кои не смеете да излегувате после 19 часот. Некогаш моравме да останеме дома и по цели викенди, а надвор времето е убаво тука, температурата достигнуваше и до 35 степени, а вие не смеете надвор. Тоа беше брутално. Сепак, отворија рестораните, полека животот се враќа во нормала, се надевам“, додава Дисингер.