Куманово ја одложи титулата за ЖРК Металург

Ракометарките на Металург ќе мора да почекаат уште една недела за да станат шампионки на Македонија, откако денеска, во претпоследното коло на Женската ракометна лига загубија во Куманово.

ЖРК Куманово славеше над ЖРК Металург со 25-23 и на тој начин се изедначи со него на чело на табелата на Женската македонска лига со по 34 бода. Згора на тоа, кумановки имаат и подобар меѓусебен скор со ЖРК Металург, па кога првенството би завршило денеска тие би биле шампионки, арно ама сезоната денеска заврши само за нив. Металург има уште еден неодигран натпревар и тоа на домашен терен против Стружанка, в недела.

Со оглед дека Стружанка е четврта во плејоф-фазата, со пет победи од 15 натпревари, Металург е голем фаворит на тој натпревар да освои, барем, бод и со тоа да стане шампион на Македонија првпат по 2012 година, односно по доминацијата на ЖРК Вардар.