Кризата е минато, со новите засилувања Металург ќе земе сериозен залет!

Металург треба да ги претстави двете нови засилувања, Словенецот Пучник и Португалецот Рибеиро. Заедно со Александар Шпенд, исто така од Словенија, кој дојде пред 20-тина дена, тимот на Данило Брестовац полека ги зацелува отворените рани и почнува да оформува една поздрава физиономија. Сето ова се случува на половина од групната фаза на дуелите во Лигата на шампионите, пред мечот со Чеховски Медведи, в недела (17ч.).

Го загубија Филип Кузамновски уште рано во сезоната, сега си замина и Халил Јагањац, така што Металург остана без потпорните столбови на екипата и тешко беше за верување дека ќе може да пружи пристојни партии во продолжение од сезоната без корекции во тимот. Сепак, тие се случија и тоа навремено, пред да го отворат пакетот со вторите пет натпревари од ЛШ. Пристигна 25-годишниот Александар Шпенде на левата бековска позиција, а деновиве треба да бидат официјално презентирани и Миха Пучник и Гонсало Рибеиро.

Првиот е 30-годишен лев бек од Словенија, вториот 21-годишен среден бек од Португалија. Тоа се позициите кои останаа дефицитарни по заминувањето на Кузмановски и Јагањац, па сега се очекува видливо освежување. Сите тројца се пријавени на време за втората фаза од натпреварите, па, технички, можат да дебитираат веќе в недела, против Чеховски медведи.

„Со новите ракометари, малку повозрасни, треба да биде подруго, ќе имаме поголема ротација, повеќе солуции и во одбрана и во напад. Португалецот е 97. годиште, па исто го гледам како потенцијал за подолго (потпиша до 2020 г. н.з.). Новиот Словенец е поискусен, имаат играно заедно со Шпенде во Горење, па може да биде многу значаен. Само се надевам дека ќе се вклопи со екипата, со карактер, со нашите работни навики и темпо на тренирање и покрај тоа што е повозрасен од останатите, има 30 години“, коментира Данило Брестовац.

Тој дојде на чело на екипата ова лето со големи амбиции и долгорочен план со акцент на развој на екипата, мнозинско македонска, а потоа на резултатите. Вториот дел од планот, за жал, се оствари, резултатите беа поразителни во почетната фаза од сезоната и првата победа дојде дури на 20 октомври, против Татран во СЕХА-лигата.

„Се надевам сето ова ќе резултира позитивно. Во ЛШ имаме уште пет натпревари, сепак главна цел ќе ни биде македонскиот плејоф, дуелите со Еурофарм Работник и со Вардар, на пролет. Јас на играчите им велам да се стремиме кон Вардар, зошто да не се амбицираме да го добиеме барем на еден натпревар. Ако сакаш да бидеш добар, треба да го победиш најдобриот. Можеби сега звучи нереално, ама следната година ќе биде малку пореално“, оптимистички говори Брестовац, продолжувајќи за пријатните ветришта во „Автокоманда“.

„Најважно е што сега се консолидира клубот, финансиските обврски кон играчите се подмирени. Знам дека првите 7-8 натпревари беа лоши и можеше подобро, но толку можевме со тие млади играчи. Важното е дека набилдавме ‘километража’, собираме искуство и дека работите полека легнауваат на свое место“, додаде Брестовац.