Коронавирусот го „суспендира“ македонскиот ракомет на најмалку – две недели!

По реакцијата на луѓето кои ги предводат фудбалот и кошарката кај нас, одлука за суспензија на сите првенства во сите категории донесе и раководството на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), со цел спречување на можноста за ширење на коронавирусот.

За разлика од останатите два спорта, каде што суспензијата е на неодреден период, во ракометот таа првично е ставена во период од две недели по што одново ќе се разгледа ситуацијата на теренот.

„Ве известуваме дека Раководството на Ракометната федерација на Македонија донесе одлука за прекин во период од 14 дена на Националното ракометно првенство во Супер и Прва машка ракометна лига како и натпреварите од Женската ракометна лига.

Одлуката е донесена по последните препораки и забрани од страна на Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID – 19, како и препораките на Светската здравствена организација за заштита на здравјето и безбедноста, кои опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани.  

Дополнително согласно препораките и забраните од Владата на Република Северна Македонија за превенција од вирусот COVID – 19 , Ракометната Федерација на Македонија донесе претходно одлука со која сите натпревари во младите категории се одложуваат во период од 14 дена“, се вели во соопштението на РФМ.

Ова секако е забрана за одигрување средби во домашните натпреварувања, додека дополнително се чека одлука дали ваков чекор ќе презедат и челниците на СЕХА и на ЕХФ, во чија организација е Лигата на шампионите.