Карачиќ: За 10 дена ќе знам дали останувам во Вардар!

Еден од најдобрите ракометари во „црвенo црните“ редови, Игор Карачиќ не е сигурен дека и во иднина ќе го носи дресот на македонскиот ракометен шампион. 

Хрватскиот интернационалец е главниот организатор на играта на Вардар, од неговото расположение на теренот зависи и целокупната игра на вардаровите ракометари, но загрижувачка е неговата изјава дека не е сигурен дека ќе остане во Скопје, а наредните десет дена ќе бидат клучни за неговата иднина. 

„Во моментов не можам да одговорам на тоа. Ќе видиме. Ми истекува договорот оваа сезона. Постои можност и да останам, но во следните десетина денови ќе се знае повеќе околу мојата иднина“, вели Хрватот во изјава за клупскиот сајт.

Вардаровиот плејмејкер уште од 2012 е дел од составот на македонскиот шампион. Имаше значајна улога и во освојувањето на шампионскиот трофеј во Келн, a негово евентуално заминување ќе значи голем „удар“ врз амбициите на клубот за наредната сезона.

Договорот на Карачиќ во Вардар му истекува на крајот на сезоната, па Хрватот  во наредните денови ќе треба и официјално да се изјасни каде ќе настапува во наредната година.