Без паника: Во Вардар ќе доаѓаат уште големи имиња!

Откако стана европски шампион, РК Вардар игра феноменално, меѓутоа перфекцијата на теренот само за момент ги потиснува грижите на навивачите за тоа како ќе изгледа нивниот тим од следната сезона, со оглед на тоа дека (пре)многу важни играчи ставија потпис дека си одат од Вардар на лето.

ВЛАДКО АРСОВ

Да се двајца-тројца, како во минатите сезони ќе поминеше под радарот, но оние кои си најдоа нов ангажман се една постава без крила и уште поважно, не се играчи кои имале мала минутажа, туку столбови на црвено-црната филозофија. Впрочем, од следната сезона и таа ќе се менува бидејќи мозокот на тимот, Раул Гонзалес заминува во ПСЖ.

Сето ова го активира алармот, па почнаа да се шират гласини за распад на Вардар, ваков каков што го знаеме, за финансиски колапс и за незадоволство кај играчите. Спорт1 реши да не шпекулира туку да праша директно, обраќајќи се кај извршниот директор на клубот, Давор Стојаноски.

Дали заминувањата на играчите од Вардар се сигнал за криза? Во медиумите веќе се шпекулира со тоа, затоа каков е одговорот и ставот на клубот?

„Доаѓањето и заминувањето на играчи е нормален и природен процес во секој клуб или компанија. Секој има свои амбиции, животен пат и цели. Тоа е неминовност во секојдневниот живот. Во Вардар доаѓале многу големи и познати спортски имиња, и ќе продолжат да доаѓаат и во иднина, исто како што и ќе има заминувања на многумина. Тоа е составен дел на спортот, ракометот па и животот. Сите што заминуваат ќе останат во нашите сеќавања, а оние што ќе дојдат ќе добијат шанса да остават сопствена трага во историјата што секојдневно ја испишува клубот. Интересите на клубот и остварувањето на истите секогаш ќе имаат приоритет“, одговори Стојаноски.

Се разбира, муабетите за распаѓање на клубот се карикирање со негативни сценарија, но никој не може приговори дека досега немаше индикации за намалување на финансиската моќ на Вардар. Големите имиња кои си заминаа можеби бараат нови предизвици, но можеби побогати договори.

Затоа прашавме, егзодусов да не е сигнал за олеснување на буџетот? Дали Вардар и од следната сезона ќе продолжи со ист буџет или следува некаква редукција? Добивме политички одговор.

„Дел од играчите што доаѓаат во Вардар и претходно имале голем спортски стаж и многу успеси зад себе. И тие кога доаѓале во Вардар биле големи имиња што заминале од некоја друга средина и заминувале од Вардар како големи имиња. Тоа реков дека е неминовен процес не само кај Вардар туку и кај многу други екипи. Амбициите на Вардар секогаш се исти, и работиме истите да ги исполниме“, одговори Стојаноски без да го спомне зборот буџет.

Кога веќе заминаа досегашните ѕвезди, клубот има шанса да ги потисне лошите удари врз својот имиџ со ангажирање нови. Штербик, Циндриќ, Абутовиќ, Македа, Марсениќ...треба да добијат замени кои имаат капацитет или барем потенцијал да ја пополнат празнината во тимот. Засега нема поцврсти вести за засилувања и сѐ што струи низ медиумите е во доменот на шпекулации.

„Вардар секогаш работи на засилување на сопствениот состав. Промените во составот се нормална работа, и тешко е да се задржи еден ист тим долго време. Се менуваат трендовите, се појавуваат нови екипи, а и нови играчи. Сите сакаат да ги имаат најдобрите, или оние што најдобро би се вклопиле во филозофијата што ја има екипата. Вардар постојано следи играчи што се интересни за нас. Како клуб секогаш навреме сме ги објавувале сите новини што ги имаме“, заврши Стојаноски и ги остави фановите во исчекување.

Сепак, како минува сезоната ќе биде сѐ потешко да се договорат играчите, кои веќе работат на својата иднина. Денеска Мешков Брест се огласи дека го врзал голманот Иван Пешиќ, а тој, пак, во јавно призна дека го одбил Вардар. Штербик заминува во Веспрем, а покрај него потврден е трансферот на Циндриќ во Кјелце и Марсениќ во Фуксе Берлин. Се чека потврда на договорот на Абутовиќ во Рајн-Некар и на Македа исто така во бундеслигашка екипа.