Грци тепале наши ракометари зошто кажале дека се од – Македонија!

Македонски младински ракометари, кои биле на летен камп во Неа Пори (Грција) биле претепани од грчки врсници, затоа што кажале дека се од Македонија, објави денеска агенцијата „Макфакс“.

До тепачката, наводно, дошло помеѓу двете тинејџерски групи, откако една Гркинка ги слушнала младите македонски ракометари како зборуваат на македонски и кога ги прашала од каде се, а нашите ракометари и одговориле дека се од Македонија, почнала вербална расправија со нив и брзо потоа повикала грчки тинејџери по што почнала брутална тепачка.

Инцидентот завршил откако некој од очевидците повикал полиција, по што по интервенцијата ги раздвоила двете завојувани групи. По враќање од Грција, некои од младите ракометари завршиле в болница, каде им биле констатирани телесни повреди.

Летниот ракометен камп кај нашиот јужен сосед бил во организација на бившата ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Адријана Будимир, која сега има ракометна школа во рамките на најдобриот македонски клуб Вардар.

Овој инцидент доаѓа само една недела откако владите на двете држави потпишаа договор во Преспа со кој треба да се стави крај на речиси тридеценискиот спор, но опозициите и во Македoнија и во Грција истиот не го прифаќаат и се спротивставуваат на тој договор.

Инаку Македонија до крајот на годинава треба да игра меч со Грција во квалификациите за Европското првенство во јануари 2020 година.