Ѓорче Петров добива наследник на големиот Кометал – во машка конкуренција!

Пет години од формирањето, како продолжение на старата добро позната школа формирана далечната 1964 година, ракометниот клуб Македонија Ѓорче Петров влегува во новата сезона во Првата лига со сериозна амбиција во иднина да стане сериозен и постојан член на Суперлигата.

Клубот за себе има сериозна организација, достојна инфраструктура и квалитетна младинска школа, а главна цел во претстојната сезона е зачувување на костурот на екипата кој е составен претежно од играчи од скопската населба Ѓорче Петров, како и сериозно посветување на работата со младинските категории. Желбите се борба за едно од првите четири места во групата во првата полусезона кои водат во разигрување за прво место за место во Суперлигата. Амбициите на среден и долг рок се создавање на претпознатлив спортски бренд од Ѓорче Петров кој би бил постојан учесник во Супер лигата и достоен ривал на сите противници.

Освен во сениорска , РК Македонија Ѓорче Петров се натпреварува и во младинските категории каде што досега во неколку наврати бил учесник на младинските фајнлфор-турнири при што биле освојувани второ, трето и четврто место.

Улогата на претседател на клубот ја извршува Тони Зафировски, организациски секретар е Трајче Трајковски, а во стручен штаб работат Џевад Равмановски, Сашо Барјактаров, Деспот Неделковски и Саше Христовски.