Еурофарм толку можеше, Вардар оди во финале за Куп број 14!

Вардар го совлада Еурофарм работник во позвучното полуфинале од годинешнава завршница на ракомениот Куп на Македонија и продолжи да го брани пехарот, кој го има освоено веќе 13 пати, пет пати едноподруго во последните пет години.

Еурофарм работник се бореше и покажуваше квалитет, но неговите напори имаа лимит против екипа од калибарот на Вардар. Иако мечот долго беше со тесен резултат, на крај вардарци славеа убедливо, со 35-30.

Попрецизно, Еурофарм работник беше конкурентен во првиот дел, кога, речиси, 30 минути негуваше реми, губеше најмногу со два разлика, а на пауза му допушти на Вардар водство од 18-16.

Во најсилниот можен состав во моментов, Вардар почна да диктира некаде по десетина минути во второто полувреме. Искористи неколку грешки и несмасни напади на битолчани, за првпат да поведе со три разлика, 23-21 во 40. минута. Благојче Трајковски на голот на Еурофарм беше одличен во вториот дел, но тој само го одложуваше неизбежното.

Вистинскиот исчекор кон триумфот, вардарци го направија по 50. минута, кога првпат поведоа со пет разлика, а имаа и максимални 32-26 Најефикасен на натпреварот беше Остроушко со 10 гола, а кај Вардар по седум постигнаа Дибиров, Скубе и Мораес. Во финалето, утре од 20 часот, Вардар ќе се бори за пехарот во Купот против Металург, кој порано денеска го совлада Бутел.