ЕКСКЛУЗИВНО: Шпанскиот репрезентативец Гурбиндо потпиша за Вардар!

Шпанскиот ракометен репрезентативец Едуардо Гурбиндо од наредната сезона ќе го носи дресот на македонскиот првак и двократен европски шампион, екипата на Вардар.

Спорт1 ексклузивно од извори во Шпанија, дознава дека Гурбиндо (33), кој во моментов настапува во француски Нант, во наредниот период ќе дојде во Скопје на медицински тестови по што ќе следи официјалната промоција за црвено-црниот клуб. 

Гурбиндо е десен бек, висок е 195 сантиметри, настапува на десната бековска позиција и во Нант ја дели минутажата со најдобриот македонски ракометар на сите времиња, а сега и селектор на нашиот сениорски тим - Кире Лазаров.

Гурбиндо треба да биде потпора на најпорозната позиција во вардаровиот ансамбл, особено откако Марко Вујин си замина под неразјаснети услови. 

Оваа „бомба“ која силно ќе одекне во ракометниот свет треба да биде прва од неколкуте, со кои Вардар повторно ќе се обиде да се врати во врвот на европскиот ракомет, по кризата со промената на спонзорот и заминувањето на неколкуте ракометари кои беа костур на екипата.

Претходно, за поранешниот европски првак потпишаа десното крило Дарко Ѓукиќ, кој треба да го замени Иван Чупиќ, како и Хрватот Анте Кудуз, кој треба да ја засили левата бековска позиција и каде што веќе настапува Црногорецот Васко Шеваљевиќ.

Гурбиндо пред да стане член на Нант, четири сезони настапуваше за Барселона, исто така во тандем со Лазаров, а за шпанската селекција има 121 настап и 167 гола. Во дресот на „црвената фурија“ го освои ЕП во Хрватска пред три години, кога беа во иста група и со Македонија, а од континенталните шампионати, има сребро од Полска (2016) и бронза од Данска (2014). Има и еден бронзен медал од Светските првенства - Шведска 2011 година.

Вардар има супер искуство со шпанските репрезентативци - во ерата на Самсоненко, покрај тренерите Раул и Парондо, за скопскиот тим настапуваа и Душебаев, Кањелас, Македа и голманите Штербик и Малумбрес.