Едно од најголемите летни засилувања си замина од Металург

Црногорскиот пикер Бранко Канкараш спогодбено го раскина договорот со Металург. Пикерот ќе ја продолжи кариерата во друг клуб во странство. 

Канкараш не играше за Металург во домашното првенство поради правилото со кое е лимитиран бројот на странците во Суперлигата, па шанса добиваше само во европските натпревари. Тој минатото лето дојде во македонскиот тим како големо засилување.

“Донесовме заедничка одлука со Канкараш дека е најдобро сезоната да ја доигра во клуб од кој што и играчот, а и ние добивме одлична понуда. Лимитираноста во бројот на странци кои можат да настапуваат во домашно првенство беше причината Бранко да ги проследи натпреварите од трибини, што за играч од негов ранг е неприфатливо. Од друга страна РК Металург има двајца македонски играчи на таа позиција. Со оглед на тоа дека ништо нема да се промени во вториот дел од сезоната, донесовме заедничка одлука сезоната да ја доигра во друг клуб, со можност за враќање во Металург во наредната сезона, но со понаков играчки кадар за да може согласно правилото за странци да се извлече максимумот од секој играч во поглед на минутажата“, изјави претседателката на клубот од Автокоманда, Зорица Блажевска.

Се очекува Металург пред продолжението на сезоната да се засили на бековската линија и можеби со уште еден голман.