Е. Работник продолжи да гази - му даде 38 гола на Прилеп!

Лидерот во македонската ракометна Суперлига, Еурофарм Работник, остана со безгрешен ефект и по шест одиграни меча. Пред својата публика ја отвори рундата со убедлива победа против Прилеп.

Македонскиот претставник во ЕХФ-купот славеше со 38-24, решавајќи го натпреварот уште по 30 минути игра. Резултатот беше 20-9 по првиот дел, а во вториот предноста достигна и највисоки плус 15, пред да заврши со конечните 14.

Никола Ивановиќ беше прв стрелец со 10 гола, осум додаде Милан Џукиќ, а кај прилепчани Давор Шокоски предводеше со осум. Е. Работник води со максимални 18 бода по шест кола, а Прилеп остана на четири, засега осми меѓу десетте екипи.

Табелата дополнително може да се размрда откако ќе се одиграат преостанатите четири дуели од шестата рунда. Во неа се среќаваат Пелистер - Радовиш, Пролет - Вардар јуниор, Бутел - Борец и езерското дерби, Охрид - Струга, кое ќе се следи со посебно внимание. Овие натпревари се планирани за в сабота, освен мечот во скопската населба Радишани, кој ќе се игра в недела.