E. Пелистер го сефтоса плејофот со „десетка“ против Струга

Еурофарм Пелистер оствари победа на првиот натпревар од плејофот во ракометната Суперлига, во рутинска изведба против Струга, која резултира со 28-18.

Уште од почетокот стана јасно кој со каква улога е влезен во овој натпревар. Одбраната на битолчани беше одлична, Градимир Чаневски надополнуваше меѓу стативите и по една четвртина од средбата Е. Пелистер водеше со 10-5. Во продолжение се играше уште поцврсто, па на паузата резултатот беше 14-8 за Еурофарм Пелистер.

Почетокот на второто полувреме беше спротивност на тоа како заврши првото, па преку динамична игра Струга го следеше фаворитот и одржуваше 6-7 разлика. Сепак, предноста на Е. Пелистер неизбежно продолжи да расте и пред крајот стана двоцифрена.

Периќ беше моторот на битолчани, со осум постигнати гола, а кај Струга, Ракочија предводеше со седум.