Драма во „Билјанини извори“: Охрид на колена, Пролет зема уште еден скалп!

Саботниот дел од 6. коло во ракометната Суперлига заврши во голема драма и во шокантна победа на Пролет на гостувањето кај фаворитот Охрид.

Еден од „најжешките“ терени во Македонија, на кој тешко поминуваат сите суперлигаши, овојпат беше освоен од Пролет, екипата која во минатото коло го совлада Еурофарм и им се закани на фаворитите во пресметките за плејоф. Скопскиот тим славеше со 21-19 во натпревар кој доби тензичен и драматичен финиш, како што неретко се случува на македонските дерби-дуели.

Пролет водеше во првото полувреме и замина на пауза со 13-11, во вториот дел ја одржуваше предноста, се додека Охрид не изедначи на 18-18 на неколку минути до крајот. Сепак домаќините ги стигна нервозата, па имаа многу греки, лоша замена и исклучени играчи, што резултираше со три гола во низа на Пролет за недостижни 21-18 во финишот. Охрид само го ублажи вториот пораз оваа сезона. Најефикасен на теренот беше Ролевски од тимот на Пролет, кај Охрид четвротица имаа по три гола: Димитријески, Тасески, Адамовиќ и Младеновкси. 

Пролет на овој натпревар го водеше некогашниот македонски селектор, Гино Стрезовски, како приврено решение откако Илија Темелковски ненадејно ја напушти екипата и замина во Еурофарм работник. Веќе од понеделник, нов тренер на Пролет ќе биде Никола Матлиески, досегашниот предводник на Металург 2.

Во останатите денешни средби од 6. коло Еурофарм го победи Борец со 31-24, а Радовиш и Металург 2 одиграа 24-24. Вардар јуниор и Прилеп ќе играат во вторник. На табелата води Пелистер со 12 бода, Еурофарм и Пролет имаат по 10, но Пролет од шест меча, еден повеќе од останатите, а Охрид е четврти со седум, но само со четири одиграни меча.