Донации, петиции за спас на Вардар, а во сала 300 души за доделување на пехарот! (ФОТО)

Ако за Европа имаа емотивно простување како (најверојатно) последен натпревар во ЛШ, ракометарите на Вардар го играат (најверојатно) последниот меч во овој состав воопшто во „Јане Сандански“. Згора на тоа, дуелот со Еурофарм работник, кој почна од 18 часот ќе го промовира Вардар во шампион на Македонија за 2018/19 сезона, но ништо од тоа не е доволно салата да се наполни.

Откако Сергеј Самсоненко соопшти дека ќе го напушта клубот, на 19 април, почнаа тажења по социјалните мрежи, дури се покренаа петиции и јавни повици за спас, апели до бизнисмените да одвојат средства за да се сочува брендот. 

Едно време се појави и жиро-сметка, па се бараа донации од обичните луѓе, со фанатични и трогателни текстови. Состојбата на жиро-сметката не ја знаеме, но ако неа ја отсликува денешната состојба на трибините во „Јане Сандански“, тогаш човек да не знае дали е за смеење или за плачење.

На трибините има, по слободна проценка, околу 300 луѓе, по некое знаме и тука-таму некој извик. Комити не стигнаа во првото полувреме, бидејќи го следеа финалето на младинскиот фудбалски Куп, меѓутоа ни нивната нова песна „Вардаре не те оставаме“, која официјално беше пуштена пред натпреварот, не привлече внимание. На врв на сето ова, ниедна национална телевизија не прави директен пренос од натпреварот, за тоа да биде алиби за слабиот одзив во сала. Дури и на стримот на РФМ, кој редовно ги пренесува натпреварите, немаше ни 550 гледачи.

Натпреварот Вардар - Еурофарм има големи шанси да биде последен на овој состав, бидејќи со него Вардар ќе стане шампион, па во преостанатите два меча од календарот, дома со Пелистер и на гости со Металург, прашање е со каква екипа ќе излезе, особено што барем еден од нив ќе биде по Келн (1, 2 јуни).